Јаглехидрати пред или после тренинг?!
Важноста на јаглехидратите во исхраната кај спортистите и оние кои практикуваат тренинзи со отпор или издржливост, често е предмет на подвоени мислења дали треба да се консумираат или не? И доколку треба, кога, колку и каков вид на јаглехидрати се потребни пред, за време и после физичката активност? Низ овој текст прочитајте за нивната улога, вид и потребно количество, доколку имате цели да зголемите мускулна маса или да намалите телесна тежина.
Јаглехидратите се извор на енергија, потребна за правилно функционирање на мозокот и телото. Постојат два вида јаглехидрати: едноставни и сложени.
Простите јаглехидрати обезбедуваат извор на моментална енергија. Други имиња поврзани со едноставни јаглехидрати вклучуваат јаглехидрати со висок гликемиски индекс (ГИ), моносахариди, јаглехидрати со ниска содржина на влакна и шеќери. Вообичаени примери вклучуваат декстроза, малтодекстрин, спортски пијалоци, тестенини, бел ориз, бел леб и слатки бонбони.
Сложените јаглехидрати обезбедуваат многу побавно ослободување на енергија поради нивната високата содржина на диететски влакна. Други имиња под кои може да се сретнат се јаглехидрати со низок ГИ, јаглехидрати богати со скроб или јаглехидрати богати со растителни влакна. Вообичаени примери вклучуваат овесна каша, кафеав ориз, леб од цело зрно, киноа, мешунки, тортиљи од цело зрно.
Сложените јаглехидрати добиени од целосна и непреработена растителна храна, генерално се сметаат за поздрави од едноставните јаглехидрати, особено оние кои се добиени од високо обработена храна или храна и пијалоци со додадени шеќери, кои обично обезбедуваат „празни калории“ (т.е. калории без хранливи материи).
Јаглехидратите се примарен извор на енергија на телото, особено за време на тренинзи со повисок интензитет. Конзумирањето на соодветна количина на јаглехидрати, обезбедува мускулите да ја имаат потребната енергија за време на вежбањето, што може да доведе до поефективни тренинзи.
Јаглехидратите во телото се складираат во мускулите и црниот дроб како гликоген, кој служи како примарен извор на енергија при физичка активност. За време на вежбањето, гликогенот складиран во мускулите (гликоген) се разложуваат на гликоза (шеќер) и се користат како извор на енергија. Колку е поинтензивна физичката активност, толку повеќе телото исцрпува од овие резерви . Консумирањето јаглехидрати помага да се надополнат резервите на гликоген во мускулите, промовирајќи побрзо закрепнување и поддршка на зголемување на мускулната маса.
Јаглехидратите исто така играат улога во синтезата на протеините, процес преку кој мускулите може да се регенерираат или да се зголеми мускулната маса. Недоволниот внес на јаглехидрати може да доведе до намалување на синтезата на протеините и потенцијално да го попречи растот на мускулите.
При консумирање јаглехидрати, телото ослободува инсулин, хормон кој помага во транспортот на хранливи материи како гликоза и аминокиселини во мускулните клетки. Овој инсулински одговор може да го поддржи растот на мускулите со олеснување на транспортот на основните хранливи материи.
Урамнотежена количина на јаглехидрати во исхраната, особено околу тренингот, може да помогне во оптимизирање на растот и закрепнувањето на мускулите. Клучно е да се прилагоди внесот на јаглехидрати според индивидуални потреби, нивото на физичка активност, целите на тренингот, метаболизмот и целокупното здравје. Општо упатство е дека околу 45-65% од дневенит енергетски внес, треба да потекнува од јаглехидрати или помеѓу 4 и 6 g/1kg , доколу целта е добивање на мускулна маса. Во случај кога целта е намалување на телесна тежина, уделот на јаглехидрати треба да се намали.
Вежбањата со отпор, до 10 серии по мускулна група, нема да ги исцрпат резервите на гликоген под прагот на нарушување на невромускулното функционирање. Ресинтезата на гликоген, во овој случај се случува во рок од 24 часа дури и при ниски внесувања на јаглехидрати. Зголемен внес на јаглехидрати може да биде корисен при тренинзи со повеќе од 10 серии по мускулна група и тренинзи до два дневно.
При поинтензивни вежби, препорачливо е да се јаде неколку часа (3 до 4), пред тренингот, наместо непосредно пред него. Консумирањето оброк со временска дистанца пред тренингот, овозможува внес на енергија и доволно време за дигестија. Фокус на овој оброк треба да бидат сложените јаглехидрати, во количество од 0.25-0.5g/1 kg. Соодветното количество од овој опсег, сепак е индивидуално и бара прилагодување зависно од целите, видот и времетраењето на тренингот.
Земањето јаглехидрати пред вежбањето ги подобрува перформансите и издржливоста, и покрај тоа што доведува до зголемување на нивото на инсулин и намалување на оксидација на мастите. Овие метаболички ефекти може да се намалат со консумирање на балансиран оброк кој содржи сложени јаглехидрати, протеини и здрави масти, за да се обезбеди одржлива енергија во текот на тренингот. Добри опции за јаглехидрати вклучуваат интегрални житарки, овошје, зеленчук и мешунки.
Меѓународното здружение за спортска исхрана (ISSN), дава упатства за временскиот распоред на оброци кај здрави возрасни лица кои вежбаат, при тоа се нагласува важноста од консумирање целосна храна, збогатена храна и додатоци за подобрување на опоравувањето и синтезата на мускулните протеини. Дополнително се нагласува важноста на внесот на јаглехидрати за надополнување на залихите на гликоген и оптималното време на ингестија на протеини за максимизирање на синтезата на мускулните протеини. Распоредот на оброци и хранливи материи има за цел стратешки да се испланира и консумира храна и додатоци за исхрана, кои ги оптимизираат перформансите на вежбањето и составот на телото.
Јаглехидратите внесени за време на вежбањето може да се оксидираат со брзина од 1 g/min (60 g /h) независно од типот на јаглехидрати. Затоа и се препорачуваат спортистите да земаат помеѓу 30 и 60 g јаглени хидрати за време на вежби за издржливост (над 1 час) или 0,7 g/1 kg на час.
Оброкот по вежбањето е задолжителен, бидејќи телото тогаш е подготвено да ги искористи максимално сите придобивки од добро избалансиран оброк, кој треба да содржи јаглехидрати (мешавина од сложени и едноставни јаглехидрати) заедно со протеини. Овој оброк треба да помагне во надополнување на резервите на гликоген и закрепнување на мускулите. Препрачаното количество на јаглехидрати во овој оброк, повторно е во опсег од количество од 0.25-0.5 g/ 1 kg и истото трпи индивидуални модификации, доколку е потребно.
Конзумирање јаглехидрати со висок гликемиски индекс, се препорачува за брзо гликогенско закрепнување во првите 30-тина мин. до 1 час по вежбањето. Иако не е специфицирана одредена храна, неколку примери на извори на јаглехидрати со висок ГИ вклучуваат: спортски пијалоци, овошни сокови, бел леб, бел ориз, компири, пченка или пченкарни снегулки, тестенини од бело брашно, банана, грозје, мед и др. Важно е да се напомене дека додека овие извори се ефикасни за брзо надополнување на гликоген, иако тие не се најоптималниот долгорочен избор на исхрана. Урамнотежената исхрана со различни извори на јаглехидрати, со предност на сложените, односно оние со понизок ГИ, генерално се препорачува за целокупното здравје и благосостојба.


