Blog

Жалфија

by in Uncategorized September 22, 2024

Жалфијата (Salvia officinalis), се смета за една од најлековитите растенија во светот.  Името Salvia потекнува од латинскиот збор salvare, што значи спасување или лекување, а тоа веќе зборува за важноста која и се дава уште во времето на старите Римјани, кои  ја користеле за лекување. Лековитите својства на жалфија, иако многубројни, сè уште не се во целост истражени. Она што ја прави особено ценета се антибактериските, антимикробните, антисептичките и антимикотичните својства.

Постои широк спектар на патогени организми кои ова растение ги уништува, па затоа се користи во лекување на бактериски, вирусни и габични инфекции на грлото, мочниот меур, цревата, бубрезите итн.

Жалфијата е повеќенаменска билка која припаѓа на фамилијата Lamiaceae/Labiatae. Обичната жалфија (Salvia officinalis) содржи најголемо количество есенцијално масло во листовите меѓу различните видови Salvia. Есенцијалните масла во листовите на S. officinalis се застапени 97,97%, од кои најзастапени се монотерпенските јаглеводороди 48,43%. Маслото од Salvia officinalis е богато со кариофилен (23,2%), камфор (11,0%) и борнеол (8,7%). Видовите жалфија се богати со полифеноли (повеќе од 160 видови), вклучувајќи различни фенолни киселини и флавоноиди. Овие фенолни соединенија вклучуваат кофеинска киселина и нејзини деривати, розмаринска киселина, салвијанолни киселини, сагекумарин, литоспермични киселини, сагернинска киселина и јунанеинска киселина. Најчесто застапени флавоноиди се лутеолин, апигенин, хиспидулин, кемпферол и кверцетин .

Salvia officinalis е проучувана за различни здравствени придобивки поради нејзите својства:

Антиоксидантни својства: содржи соединенија кои можат да помогнат во борбата против оксидативниот стрес преку неутрализирање на слободните радикали – нуспроизводи на клеточниот метаболизам кои ги напаѓаат здравите клетки, предизвикувајќи апоптоза или мутација. Aнтиоксидантните соединенија кои се наоѓаат во жалфијата, како што се розмаринска киселина, лутеолин и апигенин, можат да делуваат на неутрализирање на слободните радикали и спречување од создавање оксидативен стрес во срцето, органите, кожата, зглобовите, мускулите и мозокот .

Антивоспалителни ефекти: Жалфијата може да го намали воспалението во телото, потенцијално има корист за состојби како што е артритисот. Поради високата содржина на флавоноиди и феноли,  in vitro е докажано дека S. officinalis ги елиминира слободните радикали и го инхибира развојот на клетките на ракот. Студиите покажуваат дека S. officinalis е значаен антиоксиданс и антиинфламаторно средство кој ги поправа оштетувањата на ДНК предизвикано од слободните радикали и делува како бариера за верижни реакции што доведуваат до липидна пероксидација .

Когнитивна функција: истражувањата сугерираат дека жалфија може да ја подобри меморијата и когнитивната функција, го подобрува расположението и  помага во управувањето со Алцхајмеровата болест .

Дигестивно здравје: традиционално се користи за ублажување на дигестивни проблеми, вклучувајќи надуеност и гасови. Дополнително делува позитовно во одржување на цревната флора.

Олеснување на симптоми на менопаузата: може да помогне во ублажување на симптомите на менопаузата, како што се топли бранови .

Здрава кожа: антивоспалителните и антимикробните својства исто така може да бидат корисни за здравјето на кожата, потенцијално помагајќи во управувањето со состојби како што се акни.

Орално здравје: се користи во средства за плакнење уста и производи за промовирање на оралното здравје поради антимикробните својства.

Дишни патишта: го помага исфрлањето на слузот и има значаен ефект во олеснување на сиптомите кај пациенти со акутен фарингитис и акутни болки во грлото.

Зајакнување на имунитетот: делува како природен антибиотик и природно антибактериско средство против различни видови на бактерии и учествува во промовирање на зајакнување на имунитетот. Значајно е тоа што жалфија не создава резистентност како што е случајот со синтетичките антибиотици. И покрај тоа што жалфијата има многу потенцијални здравствени придобивки, треба да се зема и дозира по потреба и со совет од стручно лице пред да го користите за медицински цели, особено доколку имате здравствени состојби, бремени сте или доите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

    Cart