Blog

Количеството е Клуч – Не Постои Храна за Слабеење

by in Здрава Храна July 7, 2025

 Во морето на совети за здрава исхрана и слабеење, често се среќаваме со митови: „ова дебелее“, „ова слабеe“, „не јади тоа ако сакаш да ослабеш“. Но, вистината е дека ниту една храна сама по себе не предизвикува зголемување или намалување на телесната тежина. Она што навистина прави разлика е количеството и контекстот во кој таа храна се консумира.

Секој наш оброк носи енергија. Кога внесуваме повеќе енергија од онаа што ја трошиме – телесната тежина се зголемува. Кога внесуваме помалку – тежината се намалува. Ова е основен принцип на енергетскиот баланс .

Можеме да јадеме само здрави намирници, да бираме зеленчук, овошје, посно месо и јајца, но тоа не значи дека ќе ослабеме. Сите намирници содржат калории и доколку внесуваме повеќе отколку што трошиме, тежината ќе се зголеми. Затоа и при здрав начин на исхрана, количината и енергетскиот баланс остануваат пресудни за успехот во намалување на телесната тежина. Телото не функционира само на калории – потребни му се и доволно нутриенти како протеини, витамини, минерали, есенцијални масни киселини и растителни влакна [3,4].

Кога сме во калориски дефицит – што е неопходен услов за намалување на телесната тежина – целта не треба да биде само да јадете помалку, туку  да се јаде помалку, но подобро. Во такви ситуации, нутритивно богатата храна станува особено важна: зеленчук, мешунки, интегрални житарки, квалитетни извори на масти и протеини.

Со соодветен избор на храна можеме да бидеме сити и со помалку калории. Тоа се постигнува со храна со ниска енергетска, но висока нутритивна густина – како овошје и зеленчук, интегрални производи и храна богата со влакна. Протеините, вклучително и оние од јајца, риба, мешунки или посно месо, имаат особено значајна улога во одржување на ситост и мускулна маса.

Нема “забранета” храна – постои само рамнотежа. Едно парче колач нема да ве направи нездрави исто како што и едно јаболко не ве прави здрави. Балансот е клучен. Храната не треба да се дели на „добра“ и „лоша“, туку да се гледа како дел од поголема слика – навики, цели и контекст.

Затоа, вистинското прашање не е „дали оваа храна дебелее?“, туку: „Колку од неа ми е потребно, за да се чувствуваме сити, снабдени со нутриенти и да останаме во рамките на зацртаните цели?“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

    Cart