Blog

Зголемување Содржина на Отпорен или Резистентен Скроб во Скробната Храна

by in Здрава Храна November 24, 2024

Скробот е природен полимер што се наоѓа во сите органи на растенијата и претставува една од главните форми на јаглехидрати во исхраната. Изграден е од голем број на моносахариди или молекули на шеќер (гликоза), кои се меѓусебно поврзани и формираат скробни гранули. Тој е главен јаглехидрат за складирање и е втор најзастапен полисахарид веднаш по целулозата. Скробот е присутен во форма на гранули во ендоспермот од житарките и мешунките, туберите (сладок компир и компир), незрелите плодови (банана и манго) и многу други растителни органи кои служат како резерва на енергија. Содржината на скроб варира помеѓу растителните видови како и помеѓу сортите од истиот вид.

Во процесот на дигестија, скробот се разградува до моносохариди и во најголем дел се апсорбира преку ресичките на тенкото црево, од што зависи и гликемискиот индекс на скробната храна. Според степенот на дигестија, поделен е на: брзо сварлив скроб (RDS), бавно сварлив скроб (SDS) и отпорен или резистентен  скроб (RS). RS се дефинира како дел од диететскиот скроб, кој не се дигестира во тенкото црево и непроменет поминува во дебелото црево, каде што се ферментира. Оваа форма на скроб, покажува физиолошки карактеристики слични на диететските влакна и има бројни здравствени придобивки:

  • Отпорниот скроб делува како пребиотик, промовирајќи го растот на корисните цревни бактерии. Ова може да го подобри варењето и целокупното здравје на цревата.
  • Помага во контрола на нивото на шеќер во крвта со забавување на апсорпцијата на гликоза и подобрена чувствителност на инсулин, што може да биде особено корисно за оние со отпорност на инсулин или дијабетес.
  • Конзумирањето отпорен скроб може да промовира чувство на ситост, што може да помогне во управувањето со тежината со намалување на вкупниот енергетски внес. Може да ја подобри апсорпцијата на одредени минерали, како што се калциум и магнезиум, кои се важни за коските здравје.
  • Резултати од студии сугерираат дека отпорниот скроб може да помогне во намаалување на ризикот од колоректален карцином преку промовирање на здрави движења на дебелото црево и производство на корисни масни киселини со краток синџир (SCFAs) за време на ферментација.
  • Може да помогне во намалување на нивото на холестерол, придонесувајќи за подобро кардиоваскуларно здравје.

Термичката обработка ја менува текстурата и вкусот на скробната храна и ја прави повкусна и попријатна за консумирање. Термичката обработка е клучен фактор во одредувањето на здравствените придобивки и употребливоста на скробот во исхраната.

Готвењето има големо влијание и врз организацијата на скробот и врз неговото ниво во храната. Во присуство на доволна температура и вода (или влага), структура на скробот се нарушува. Потоа, за време на ладењето скробот има тенденција да се реасоцира при што доаѓа до формирање на структури кои се помалку сварливи и отпорни на дигестивните ензими. Оваа нова формација, ретроградиран скроб (RS3), е главната форма на отпорен скроб во преработената храна.

Условите на чување, особено ладењето по готвењето, играат значајна улога за зголемување на содржината на отпорен скроб во храната.

Во студија со леб, каде свежо печен леб бил чуван  на амбиентални (20°C), замрзнат (-17°C) или во фрижидер (3.5°C) во период од 7 дена, забележано е зголемување на содржината на отпорен скроб во ладениот леб во споредба со другите услови на чување.

Во друга стидија, ладењето на белиот ориз 24 часа на 4°C пред повторното загревање резултирал со повисока содржина на отпорен скроб  во споредба со оризот кој бил чуван на амбиентална температура. Покрај тоа, гликемискиот одговор мерен кај здрави поединци бил значително намален после консумација на изладен ориз  во споредба со оние кои консумирале свежо зготвен бел ориз.

Слични услови за подготовка, исто така, покажуваат значително намалување на постпрандијалната гликемија кај лицата со дијабетес тип 1, во споредба со оризот кој се служи веднаш по готвењето.

Отпорниот скроб има  понизок гликемиски индекс (GI) во споредба со обичниот скроб. Ова значи дека предизвикува побавно и постепено зголемување на нивото на шеќер во крвта, што може да биде корисно за контрола на шеќерот во крвта. Гликемискиот индекс на отпорниот скроб може да варира во зависност од ботаничкиот извор и специфичниот вид. Општо земено, храната со висока содржина на отпорен скроб, како што се зелените банани, варените и изладени компири, мешунките и целите зрна, имаат тенденција да имаат GI вредност во опсег од 30 до 50, што се смета за ниска до умерена.

Отпорниот скроб е пониско калоричен  во однос на обичниот скроб. Неговата енергетската вредност, изнесува приближно 8 kJ/g (2 kcal/g), додека енергетската вредност за целосно сварливиот скробот е 15 kJ/g (4,2 kcal/g) 1.

Термичките третмани се ефикасна техника за менување на физиохемиските својства на скробот и значително влијаат на структурата и функционалноста на скробот. Овој процес ја подобрува сварливоста на скробот и доведува до формирање на отпорен скроб. Отпорниот скроб е помалку сварлива форма на скроб која обезбедува различни здравствени придобивки, вклучувајќи подобра контрола на шеќерот во крвта, зголемена ситост и потенцијални заштитни ефекти против одредени болести. Термичката обработка на скробот може да влијае на достапноста на хранливите материи, а формирањето на отпорен скроб може да го подобри целокупниот нутритивен профил на храната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

    Cart