Протеините во исхраната при зголемување на мускулната маса
Протеините се најзастапените биолошки макромолекули, кои се наоѓаат во сите клетки и во сите делови на клетките. Протеинте се главна компонента на протоплазмата, која е основа на животот. Се состојат од аминокиселини поврзани со пептидни врски. Протеините вршат голем број на функции во организмот, вклучително и катализирање на метаболичките реакции, репликација на ДНК, обезбедување структура на клетките и органите и транспортирање на молекули од една локација на друга.
Протеините се клучни при зголемување на мускулната маса. Еве неколку важни аспекти:
1. Комбинацијата од адекватен внес на протеини и вежби со отпор е најефикасната стратегија за промовирање на хипертрофија и ремоделирање на скелетните мускули. Протеините внесени од храната, треба најнапред да се дигестираат и од аминокиселините присутни во нив да се синтетизираат протеините на скелетните мускули. Целта на овој процес е да да се надокнади мускулниот протеин што се губи во периодите помеѓу оброците или кога нема внес на храна.
2. Дневни потреби: за зголемување на мускулната маса, потребно е да биде задоволен дневниот протеински внес. Во зависност од нивото на физичка активност, целите и тежината, препорачаната дневна количина може да варира од 1.2 до 2.2 грама протеини на килограм телесна маса.
3. Време на внес: мускулните клетки имаа најголем апсорбирачкиот потенцијал на хранливи материи, вклучително и протеини, во време од околу еден час после тренингот. Затоа и тоа е периодот за најефикасна искористеност на внесените протеини.
4. Извори на протеини: протеините треба да бидат од животинско или растително потекло. Двата типа протеини имаат свои предности и недостатоци. Извори од двата типа да бидат вклучени во исхраната, како дел од балансираниот начин на исхрана.
4.1. Богати извори на животински протеини вклучуваат: црвеното и белото месо, риба, јајца, јогурт и др. Животинските протеини ги содржат сите девет есенцијални аминокиселини, што ги прави “комплетни” протеини. Овие протеини се богати со витамин B12 и железо од типот хем-железо, кое се апсорбира подобро од не-хем железото во растителните извори.
4.2. Растителни извори на протеини вклучуваат: грав, грашок, леќа, тофу, наут, јаткасти плодови, полнозрнести житарки и др. Растителните протеини се често се сметаат за “некомплетни”, бидејќи некои од нив не содржат сите есенцијални аминокиселини. Но, со комбинација и вклучување на повеќе извори од растителните протеини во исхраната, може да се задоволат сите есенцијални аминокиселини.
Заклучок Протеините се важни за одржување и зголемување на мускулната маса, како и за општото здравје на организмот. Консултирајте се со Вашиот лекар или диететичар за најдобрите практики за внесување на протеини во Вашата исхрана.


