Дали ви е потребна „детоксикација“?
Што значи детоксикација?
Терминот „детокс“ има повеќе различни намени. Најчесто поимот „детоксикација“ се поврзува со програма што ги одвикнува луѓето од влијанието или изложеноста на штетни супстанци од животната средина кога сметаме дека организмот е „затруен“ и страда од ефектите на токсините.
Бидејќи „детоксикацијата“ стана масовно употребуван здравствен термин, истиот често се поврзува со радикални програми кои препорачуваат користење лаксативи или диуретици, преминување во „режим на гладување“, претерување со неодржливи рутини за вежбање, пиење недокажани суплементи и пијалоци и сл.
Меѓутоа, ниту еден од овие пристапи не се покажува како корисен на долг рок.
На кои начини телото ја врши детоксикацијата?
Нашето тело е совршен механизам кој континуирано е ангажиран во неговата детоксикација, односно автодетоксикација. Повеќе органи и органски системи, физилошки ја вршат таа функција, постојано и без пауза.
Црниот дроб е најмоќниот орган во телото која станува збор за детоксикацијата. Врши околу 500 функции, како што е филтрација на крвта и деактивирање на токсините (адитиви за храна, лекови, вишок хормони и останато). Ги пренесување на хранливите материи во крвотокот, а остатокот го трансформира во отпаден материјал кој излегува од телото преку бубрезите или цревата.
Бубрезите вршат неколку функции, вклучително и регулирање на балансот на течности и електролити во телото, помагаат во контрола на крвниот притисок и секрецијата на хормоните. Ја примаат и филтрираат крвта и го отстрануваат отпадот од мускулниот метаболизам и уреа од разградувањето на протеините, го елиминираат вишокот течност, бактерии, лекови и други хемикалии преку урината.
Гастроинтестиналниот систем, во кој од устата до дебелото црево се вари храната и помага да се елиминираат токсините. Цревната микрофлора ги разградува хранливите материи, кои се апсорбираат во крвотокот, а токсините се отстрануваат преку изметот.
Респираторниот тракт (белите дробови и бронхиите) ги отстранува токсините главно во форма на гас и слуз. Белите дробови, вдишуваат и издишуваат приближно 11.000 литри воздух секој ден и функционираат како филтри.
Кожата исто така игра важна улога во елиминацијата на токсините, бидејќи е првата линија на одбрана на телото против широк спектар на токсини. Иако е порозна (апсорбира крем за кожа, на пример), кожата има способност да ги блокира опасните бактерии, па дури и отровните хемикалии. Преку потењето се врши отстранување на отпадниот материјал.
Лимфниот систем кој вклучува лимфни јазли, лимфни садови, органи и жлезди има за цел да ги исчисти токсините, подалеку од ткива и да ги предаде во крвотокот, од каде што може да се обработат и отстранат.
Како да ја ресетирате исхраната по празниците?
Многу луѓе чувствуваат дека треба да одат во крајност, за да ‘’поправат’’ она што јаделе за време на празниците. Најчест избор се кратките и брзи диети, кои поради тоа што се пререстриктивни се неодржливи. Дополнително, одењето во екстреми може да го влоши Вашиот однос кон храната на долг рок.
Подобар пристап е да поставите долгорочни цели, преку рутина која ќе го зајакнете Вашето здравје. Местото за почеток е со храната во Вашата чинија, бидејќи најдобриот и најбезбедниот начин за детоксикација е да јадете вистинска, здрава храна во оптимални количества која треба да вклучува следно:
- Во исхраната треба да се даде приоритет на протеините, влакната и здравите масти во склад со балансираните оброци.
- Застапеност од 25 до 30 грама диететски влакна дневно, преку зголемување на внесот на храна како што е леќата, гравот, лиснатиот зеленчук и целите зрна.
- Доволен внес на вода, за да се постигне адекватна хидратација која ќе му помогнете на телото правилно да ги метаболизира јаглехидратите и да го исфрли вишокот натриум – како последица на тоа ќе се намали надуеноста на стомакот.
- Не го прескокнувајте појадокот или оброците, за да се превенира претерување во количествата подоцна во тек на денот или вечерта.
- Фокусирајте се на целосна храна во нејзината природна форма, а ограничете ја преработената храна – која содржи високи количини на натриум, шеќер и нездрави масти.
- Јадете овошје секој ден.
- Двојно зголемете го внесот на зеленчук.
- Уживајте во вежбите со низок или умерен интензитет, како што е пешачењето или пливањето, за повторно да го поттикнете варењето.
Која храна помага во детоксикацијата?
Одредена храна има докажан ефект во олеснување или подобрување на исфрлањето на отпадните и штетните материи од телото. Во продолжение се дадени карактеристиките на некои од нив и на кој начин го вршат своето дејство.
Меѓутоа истото не траба да биде прифатено дека исхраната треба да се базира само на овие намирници, туку дека истите треба да бидат застапени во соодветни количества во рамки на балансираната исхрана.
Зељестите и лиснатите зеленчуци се на листата на најздрави намирници кога станува збор за детоксикацијата. Во оваа група спаѓаат: брокула, карфиол, зелка, прокељ, кељ, спанаќ и др. Тие го подобруваат здравјето на црниот дроб преку антиканцерогени, антиинфламаторни и антивирусни ефекти. Богати се со диететски влакна, кои го поттикнуваат исфрлањето на токсините. Содржат хлорофил, кој се смета за врвен растителен пигмент за детоксикација.
Лимон (Citrus limon), се смета за едно од најдобрите овошја за детоксикација. Лимонската киселина во лимонот може да ја заштити функцијата на црниот дроб и да спречи оксидативно (поврзано со стрес) оштетување.
Лимонот има важни ботанички, хемиски и фармаколошки карактеристики и вредни фармацевтски, козметички и кулинарски својства. Вредната биолошка активност на C. limon е одредена од неговата висока содржина на фенолни соединенија, главно флавоноиди (на пример, диосмин, хесперидин, лимонцитрин) и фенолни киселини (на пр., ферулични, синапични, р-хидроксибензоева киселини). Етеричното масло е богато со биоактивни монотерпеноиди како Д-лимонен, β-пинен, γ-терпинен. Неодамна научно докажаните терапевтски активности на C. limon вклучуваат антиинфламаторни, антимикробни, антиканцерогени и антипаразитски активности.
Пробиотици и пребиотици
Пробиотиците се ‘’добри’’ бактерии кои живеат во цревата. (има добри и лоши бактерии во телото, а рамнотежата е неопходна за здрави црева). Пробиотиците помагаат во разградување и варење на храната, го поддржуваат целокупното здравје на цревата и имунитетот. Цревните бактерии можат да го подобрат производството и регулирањето на хормоните, како што се инсулинот и лептинот. Тие произведуваат и невротрансмитери, како што се серотонин, допамин и ГАБА – кои влијаат и на расположението.
Пребиотиците се храна за добрите бактерии. Тие доаѓаат од несварливите диететски влакна, во одредени растителни намирници во форма на олигосахариди, галактоолигосахарид и инулин. Тие го стимулираат растот и активноста на корисните бактерии (пробиотиците). Сите пребиотици се диететски влакна, но не сите диететски влакна се и пребиотици.
Потребни се и пробиотиците и пребиотиците. Тие работат заедно за да го поддржат микробиомот – заедница од бактерии во тело, кои му помагаат да функционира правилно.
Авокадото, во поново време ја стекна својата популарност и кај нас поради богатство од антиоксиданси и квалитетни масти и други хранливи материи. Масните киселини во авокадото имаат помеѓу останатото и хепатопротективно дејство.
Лукот одамна се користи и изучува за неговите лековити и терапевтски ефекти при разни состојби и болести. Здравствените придобивки поврзани со употребата на лук се припишуваат на различните сулфурни соединенија присутни во него, како што се алицин, винил-дитиин и други испарливи органосулфурни соединенија кои сите се метаболизираат од алиин. Неколку истражувања во литературата покажаа докази дека лукот покажува антиоксидантни, антивирусни, антимикробни, антигабични, антихипертензивни, антианемични, антихиперлипидемични, антиканцерогени, антиагрегантни и имуномодулаторни својства. Лукот може да го инхибира активирањето на канцерогените, да ја подобри детоксикацијата и да ја заштити ДНК.
Зелениот чај е универзално прифатен како добар пијалок и се користи поради лековитите придобивки веќе илјадници години. Има висока содржина на антиоксиданси кои штитат од слободните радикали кои предизвикуваат стареење и дегенеративни болести. Зелениот чај го зголемува производството на ензимите, кои припаѓаат на семејството на глутатион С-трансфераза (GST), одговорни за одбрана на телото од хемикалии кои предизвикуваат рак и други хемикалии и токсини.
Калинките се нарекуваат нутритивна суперхрана, и тоа со добра причина. Тие се богати со фитохемикалии и антиоксиданси како што се флавоноли и антоцијани кои им го даваат нивниот пигмент. Всушност, истражувањата покажуваат дека калинката има антиоксидативен потенцијал дури и поголем од оној што се наоѓа во црвеното вино или зелениот чај, две други намирници познати по нивниот статус на суперхрана. Тие се добар извор на витамин Ц, витамин К1, калиум и фолна киселина.
Куркумата, позната и како „индиски шафран“ се користи во медицината речиси 4.000 години. Овој прекрасен жолто-златен зачин има антибактериски, антивирусни, антиинфламаторни, антитуморни, антиоксидантни, антисептички, кардиопротективни, хепатопротективни, нефропротективни, радиопротективни и дигестивни активности.
Јаболките се добар извор на важни хранливи материи, особено влакна, витамин Ц и калиум, како и разни антиоксиданси и фитохемикалии – како што се кверцетин, катехин и хлорогена киселина.
Голем дел од диететските влакната во јаболката се нарекуваат пектин, кој е мешавина од растворливи и нерастворливи влакна. Растворливите влакна помагаат да се хранат добрите цревни бактерии и да се намали високиот холестерол. Додека нерастворливите влакна помагаат во орджување на чисти и здрави црева. Пектинот во јаболките помага да се исчистат токсините од крвотокот и да се намали ЛДЛ холестеролот. Пектинот може да помогне во излачувањето на некои метали, како што се живата и олово.
Јаболките се богати со влакна и се нискокалорични, тоа се две карактеристики што ги прават идеална храна за намалување на телесната тежина. Нивната содржина на диететски влакна може да придонесе за чувство на ситост, спречување на прејадување во текот на денот и намалување на вкупниот внес на калории. Тековните истражувања околу компонентите на јаболкото и намалувањето на телесната тежината откриваат дека постои конзистентна корелација помеѓу консумацијата на јаболки и намалувањето на телесната тежината .


